Кризата предизвикана од Ковид-19 предизвика сериозни нарушувања на глобалниот вински пазар, а истовремено направи и огромни штети врз македонската винска индустрија.
Податоците на „Вина од Македонија“ (ВОМ), во кое членуваат најголемите производители и извозници на вино во земјата, покажуваат дека кризата од Ковид-19 пад предизвика пад на продажбата на вино на домашен пазар и до 80 %, пред сѐ, поради намалениот промет во угостителскиот и туристичкиот сектор, каде што се остварува најголем дел од потрошувачката на пакувано вино.
Дополнително, обидите на големите производители на вино од Италија, Шпанија и од Франција да се ослободат од големите резерви предизвикаа намалување на цените на виното на клучните извозни пазари, особено на налевното, и тоа повеќе од 40 %, што создаде дополнителен притисок за намалување на цената на македонското вино што се пласира на странските пазари и намалување на вкупниот девизен прилив од извозот на вино.
Драстичното намалување на продажбата на вино на домашниот пазар и намалувањето на цените на виното на главните извозни пазари сериозно ја влошија финансиската стабилност и ликвидност на македонските винарници, што го доведоа во прашање редовното производството на вино и реализацијата на годинешниот откуп на грозје и претставува потенцијален проблем и за лозарите и за државата.
Во вакви крајно отежнати околности македонските производители и извозници на вино се принудени да ги приспособат своите деловни планови вклучувајќи ја и ценовната политика за откуп на грозјето кон условите што ги диктира пазарот и ситуацијата предизвикана од ковид-кризата. Производителите на вино, а особено извозниците на налевно вино, се соочуваат со големи ценовни притисоци на светско ниво, што ја прави откупната цена нереална и невозможна без интервенција од државата. Дополнително, намалената побарувачка, како на домашно така и на светско ниво, влијае и на потребите од количини грозје, со што се става во прашање откупот на целата реколта.
За да се избегне целосниот колапс на македонската винска индустрија и лозарството, здружението „Вина од Македонија“ во периодот од март до јули 2020 иницира повеќе средби со претставниците на надлежните институции, на кои беа презентирани конкретен сет мерки, кои требаше да обезбедат вистинска поддршка и поттик за целокупниот македонски вински сектор по примерот на мерките за поддршка што ги применуваат владите во другите земји – големи производители на вино. Но, и покрај презентираните аргументи од страна на здружението, Владата досега не донесе одлука во врска со ова прашање.
Ставот на „Вина од Македонија“ е дека за да може да се откупи целокупната количина грозје од годинешната берба по дефинирани цени, ќе биде неопходна директна финансиска поддршка од државата.
Доколку не се размислува рационално и не се дејствува бргу и одлучно, постои реална опасност за целосен колапс на македонската винска индустрија, која обезбедува годишен извоз од речиси 50 милиони евра и обезбедува работа и социјална сигурност за приближно 30.000 индивидуални земјоделски стопанства, 12.000 сезонски работници и повеќе од 2.500 вработени во 74 регистрирани домашни винарски визби.